Најновиот македонски игран филм „Деца на сонцето“ ја имаше првата проекција синоќа во Кочани. Салата во Центарот за култура „Бели мугри“ беше пристојно пополнета. На проекцијата присуствуваше режисерот Антонио Митрикески.
„Филмот ја опфаќа денешницата, значи тој е современ филм кој претставува портрет на една фамилија и премрежијата низ кои поминува таа. Од друга страна, опфатена е и урбаната мафија, од што произлегува дека правиме еден пресек на општеството, на денешницата. Би сакал да кажам дека не станува збор за тешка драма која делува депресивно. Напротив, филмот е лесно гледлив и иако е авангарден, правен е за публиката“.
Митрикески „Деца на сонцето“ го снимал во околината на Преспанското Езеро, со, според него, огромна актерска екипа во која се влезени четири генераци. Од Мето Јовановски и Милица Стојанова кои ги глумат дедото и бабата до најмалите, нивните внуци. Направен е спој на професионалци и актери кои за прв пат се појавуваат на филм.
„Пораката е да простуваме, да знаеме да простиме. Приказната изобилува со топлина и љубов“, порача режисерот Митрикески пред да започне прикажувањето на филмот синоќа во ЦК „Бели мугри“, поздравувајќи го градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски, кој беше присутен во салата, како и останатите гости.
„Деца на сонцето“ во Македонија премиерно беше прикажан пред две недели (на 1 октомври). Кочани ја имаше таа привилегија да го види овој авангарден филм веднаш после Скопје. Во ЦК „Бели мугри“ проекции ќе има до сабота, 18 октомври. Влезните билети за првата вечер чинеа 80 денари (додека во Скопје влезницата чини 150 денари). Најверојатно цената на влезницата ќе биде намалена за проекциите до 18 октомври, со цел што поголем број на кочанчани да го погледнат филмот. Проекциите започнуваат во 20 часот.
„Деца на сонцето“ својата светска премиера ја имаше во Лондон, по што го најде своето место и на фестивалот во Кан, каде што е откупен од американската продукција „Принс филмс“. Според она што ни го кажа режисерот Антонио Митрикески, на „Деца на сонцето“ му следува учество на уште три филмски фестивали: во Чикаго, Торонто и Атина.