Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани денеска е отворена изложбата на графки… на академскиот сликар, Момчило Аврамовски. Се работи за триесеттина дела во линорез и комбинирана техника, насловени како „Чудесен свет“. Координатор на изложбата е Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
Момчило Аврамовски припаѓа на постарата генерација на македонските академски уметници, коишто сé уште се активни, со потврден творечки континуитет. „Тој е роден 1935 година во Куманово. Првите сознанија за ликовната уметност ги добива од академскиот сликар Кирил Караџа кој со својата педагошка дејност позитивно влијае на многу негови ученици (меѓу кои и на Аврамовски), а кои подоцна станаа значајни имиња во македонската современа уметност од Куманово. Во непосредното опкружување, во времето на формирање на авторскиот идентитет на Аврамовски, се наоѓаат и братот Драгутин Аврамовски – Гуте, значајно име во македонската современа ликовна историја (втемелувач на современата македонска графичка уметност), сега светски познатиот сликар Трајче Јанчевски и други, рече на отворањето на изложбата историчарот на уметноста, Роберт Цветковски, вработен во ЦК „Трајко Прокопиев“. Пред него, на свеченоста свое обраќање имаше директорот на ЦК „Бели мугри“, Коце Стојменов.
Момчило Аврамовски основите на ликовното образование ги стекнува преку завршување на Училиштето за применета уметност во Скопје (вајарство кај професорите Димче Тодоровски и Јордан Грабул; сликарство кај проф. Душко Стојановски ), Вишата педагошка школа (сликарство кај проф. Ванчо Георгиев и вајарство кај проф.Љупчо Стефановски) и ФЛУ – Скопје (сликарство кај професорот Ристо Калчев). Неговата ликовна едукација продолжува и со неколку студиски престои во Дизелдорф-Германија (1975-78 г.); Ротердам – Холандија како и учество на неколку конгреси за ликовна култура во Париз (ИНСЕА), Будимпешта, Загреб…
Член е на ДЛУМ од 1968 година кадешто е активен во своите настојувања преку оваа асоцијација на ликовни творци да обезбеди подобри услови за работа на ликовните уметници во Македонија, за нивната промоција во земјата и странство како и за соодветно решавање на нивниот општествен статус. Активно учествува на сите изложби коишто ги организира ова друштво, а во еден период беше и дел од потесното раководство. Добитник е на повеќе награди и признанија.
Изложбата на графики од Аврамовски во ЦК „Бели мугри“ ќе гостува во наредните две недели и е поставена во Изложбениот салон на Националната установа од Кочани.