Во салонo Фоаје на Центар за култура „Бели Мугри“ во Кочани од вчера се наоѓа изложбата на графики, чиј автор е Валентина Илијевска, академски сликар и конзерватор од Куманово, која пред публиката се претставува со 24 графички листови работени во техниките дрворез и линорез и во комбинирана техника.
„На изложбата преку графичките листови се претставени почетните ликовни елементи и принципи, и истата е насловена ’За вредностите’. Најзастапена е сината коцка која е постамент на човекот и го претставува интуитивното, материјалното каде што човекот неможе без вода и воздух и тоа се манифестира низ сината боја, затоа што небото е сино и водата е сина“, рече на отварањето на изложбата авторкатата, Илијевска.
Директорот на ЦК „Бели мугри“, Коце Стојменов, заедно со Роберт Цветковски, историчарот на уметност во кумановскиот Центар за култура (со чија подршка е реализирана изложбата на Илијевска), им се обратија на гостите кои присуствуваа на чинот на отворањето на овој културен настан.
„За вредностите“ на Валентина Илијевска во Фоајето на „Бели мугри“ во Кочани ќе претстојува до 5 ноември.