Вечерва започнува 9-то издание на Меѓународната културна манифестација „Петровденски конаци“, чиј организатор е ЦК „Бели мугри“ под покровителство на Општина Кочани и Министерството за култура. Портретот на Наат Кинг Велиов е првата содржина закажана за вечерва во 20, 45 на Летната сцена. Настанот е насловен „Музиката – моја животна приказна“, со што националната устанува воведува нова програмска содржина на Конаците, која треба да прерасне во традиција.
После Кинг Велиов, од 2 до 12 јули предвидени се ликовни перформанси и изложби, промоции на книги, изложба на карикатури, балканска поетска вечер, фолклорен концерт, меѓународен фестивал на детска песна, влашки етно фестивал, издание на баскерфест, и во финишот на манифестацијата концерти на забавна музика со Шекспир бенд, Некс – тајм и Тони Зен и бендот Флека. Најголем дел од настаните ќе се одржат на Летната сцена и во внатрешноста на ЦК „Бели мугри“, како и крај Кејот на Кочанска Река. Помал дел во Паркот на Револуцијата и Трговскиот центар и фестивалот на влашка песна на Пониква.