НУЦК ,,Бели мугри‘‘ – Кочани Ве поканува на отворањето на изложбата на плакати насловена ,,IMposter”
во петок, 02.03.2018 г. во 19:00 ч , Салон Фоаје 2

Автор на изложбата е Маријана Иванова, дипломиран ликовен уметник, отсек – плакат и визуелна комуникација, во моментов на магистарски студии, отсек – плакат. Изложбата опфаќа плакати изработени за време на студиите (2013 – 2017) во Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија, под менторство на проф. Георги Јанков и асистент Ненко Атанасов.

Плакатот е уметност која има за цел со својата критичност и визуелни средства да ја поттикне публиката да размислува за даден проблем или да ја информира. Темите на делата опфатени во изложбата ,,IMposter‘‘ опфаќаат различни видови на плакати – социјални, културни, рекламни, јубилејни, со акцент на дипломската работа – 7 плакати инспирирани од делата на нобеловецот Херман Хесе.

,,Маријана е јасна во секој нејзин плакат. Претставените творби се впечатливи и го разоткриваат современиот и разнообразен јазик на младата авторка. Без разлика на тоа дали поставува прашање или изјавува позиција, таа успева да го закове вниманието на гледачот. Смелост во изборот на претставеното и наоѓање на најсоодветната графичка техника се причините поради кои нејзините дела ја провоцираат нашата чувствителност и оставаат трајни траги во нашите мисли.” – проф. Георги Јанков

Целта на изложбата е да се едуцира локалната публика за значајноста на овој вид уметност и да се претстави уметникот пред домашната публика после многубројните учества на интернационални изложби во Турција, Велика Британија, Иран, Лихтенштајн, Австрија, Русија, Полска, Мексико, САД, Тајван, Јамајка и Казахстан.