Националната установа- Центар за култура “Бели мугри” – Кочани во соработка со ЛУ Музеј на град Скопје и јапонската амбасада, во рамки на проектот МузеумЛИНК (вмрежување на музеите) организира изложба на јапонски графики од правецот УКИЈОЕ од јапонските мајстори на дрворезот од 17 век. Организатор на изложбата е Јасминка Намичева-кустос советник архитект во музеј на град Скопје која е координатор на МузеумЛИНК. Изложбата ќе биде отворена на 25 јуни 2018 година во Салон фојаје 1 при НУЦК “Бели мугри ” -Кочани со почеток од 12:00часот и истата ќе биде поставена до 02 јули 2018 година. На отворање на изложбата ќе присуствува и г-ѓа Кеико Ханада, прв резидентен амбасадор на Јапонија во Р. Македонија и во владата на Р. М.
На изложбата ќе бидат поставени 28 копии од јапонски графики на јапонски уметници верификувани како исклучителнни УКИЈОЕ уметници не само во Јапонија туку и надвор од неа.Голем дел од нивните дела се наоѓаат во светски реномирани музеи низ светот а дел се наоѓаат во Националниот музеј во Токио кои што се прогласени за културно наследство на Јапонија од исклучителен интерес.
Станува збор за јапонски графики од правецот УКИЈОЕ или ЛЕБДЕЧКИ СВЕТ, кој што се јавува во почетокот на 17 век во Јапонија каде што мајсторите на своите графики ги претставуваат убавите жени, сумо борачите и портрети на воините. Тие се опседнати со женската убавина и моментната женска убавина воопшто. Свртени се кон сликање на убавици во издолжени фигури, богати кимона и ликови од театарски претстави. Ја сликаат не само убавината на лицето туку и мекоста на телото, нежноста на кожата будејќи најразлични визуелни, тактилни и други сензорни импресии од различни жени…
Понеделник, 25.06.2018
отварање 12 часот
Салон фоаје 1