12 јули, повод – Петровден, а уметноста – причина.

Во 2007 година се одлучивме на ден Петровден, на граѓаните на Општина Кочани да им понудиме културно-уметнички збиднувања, да ги вратиме деновите пред години. Замислата ни беше да се потсетиме на посетеноста на Кочани, кога на Петровден, православен празник, заштитник на градот, истиот беше исполнет со народ, џагор, раздвиженост, а кочанчани, како добри домаќини, гостите ги удостојуваа во најдобро светло. Сега, преку културно-уметнички настани, да вратиме барем дел од Кочани пред години, кога во секој крај од градот одекнуваше здивот на традицијата, онаа надалеку познатата, македонската.

Во чест на Петровден, 12 јули, на гости, на конак во Кочани, да го исполниме градот со духот на традицијата и преку културно-уметничките понуди да се потсетиме на исконското, она изворното, надополнето и испреплетено со современото, да ги посетиме пријателите, да им ги отвориме портите на добронамерниците. На Петровден на конак во Кочани.

2007 година беше еднодневна, а од 2008 година, дванаесет дневна, со свое име, и веднаш препознатливо „Петровденски конаци“ .