Деветото издание на „Петровденските конаци“ започна синоќа на Летната сцена на ЦК „Бели мугри“. Традиционалната меѓународна културна манифестација ја отвори градоначалникот Ратко Димитровски. За жал не беше присутен Наат Велиов, еден од најголемите трубачи ( и музичари кога станува збор за ромската и традиционалната македонска музика) на Балканот и Европа, кому му беше посветена првата вечер од „Конаците“. За него Националната установа од Кочани изработи портрет насловен „Музиката – моја животна приказна“. Велиов не беше на сцената поради нарушено здравје, затоа пак неговиот бенд „Кинг Наат Велиов оригинал Кочани оркестар“ беше извонреден. И во отсуство на Наат Велиов овозможи педесетминутно убаво музичко доживување.
Во продолжение во целост ви ја пренесуваме приказната за музичарор од Ромското маало од Кочани

DSC08316
Портрет: НААТ КИНГ ВЕЛИОН
„Музиката – моја животна приказна“
Наат Велиов и неговиот бенд „ Кинг Наат Велиов Оригинал Кочани оркестар“, несомнено, се еден од најзначајните музичките брендови на Кочани и Македонија, едни од најголемите репрезенти на традиционалната ромска и македонска музика во Европа и светот. Зад Наат и неговиот оркестар стојат повеќе од 2 000 концерти, на кои свират исклучиво во живо. „Оригинал Кочани оркестар“, чиј лидер е Велиов, се смета за најголем брас-бенд на Балканот.
Наат Велиов е роден во Кочани на 25 мај 1957 година. Потекнува од семејство, кај кое музиката му е во гените. Дедото на Наат, Ахмет, свирел труба. Татко му Хикмет, исто така, труба. Наат ги свири сите дувачки инструменти освен саксофон и кларинет. Сепак, специјалност му е трубата.
Музичкото образование, како што самиот Наат вели, го стекнал свирејќи на свадби, погреби, имендени и слави. Бил дел од КУД „Бели мугри“, со кое свирел ширум Македонија.
Дедото и таткото Велиови се основачи на „Кочани оркестар“ (кој подоцна се преименува во „Кинг Наат Велиов Оригинал Кочани оркестар“), но дури откако лидерската позиција ја презема Наат, оркестарот станува меѓународно познат.
Првите две сингл-плочи Наат ги снимил на 17 години (1975) со Илми Јашаров (татко на Ферус Мустафов) во старата МТВ во Нерези. Потоа се редат концерти, најпрвин во поранешната држава и на Балканот. Светската слава Велиов ја достигнува во 1998 година, паралелно со успехот на филмот на Емир Кустурица, „Време на циганите“ („Дом за бесење“). Велиов и неговиот оркестар се главни промотори на овој филм во светот.
Првото ЦД (во меѓународната кариера) го снимил во Париз (1993 г.) и на него е застапена традиционалната ромска и македонска музика. Додека сеуште соработувал со Кустурица, во 1996 година, Наат Велиов го снимил вториот албум под наслов „Истокот е црвен“ („L’Orient Est Rouge“). Овде во улога на издавач се јавува белгиската дискографска куќа „Храмед диск“. Овој албум, е рецензиран во едно од изданијата на реномираното списание „Ролингстоун“, каде музиката на Наат Кинг Велиов и на неговиот оркестар е оценета со четири ѕвездички. На прсти можат да се избројат музичерите од Македонија што се спомнати во ова сигурно најрепрезентативна музичка ревија во Светот. Еден од нив е Кинг Наат Велиов.
Потоа следуваат уште четири албуми снимани на различни „локации“ во Македонија и Европа, меѓу кои и заедничкиот со Виничо Капосела, кој е еден од најпознатите италијански пејачи, и со Рој Пачи, можеби и најголемиот трубач во Италија. Кинг Велиов свири во Сан Дениз, на отворањето на СП во фудбал во Франција, во светски познатата „Моцарт сала“ во Виена, на најголемиот џез-рок фестивал во Роскилде, во Данска, пред стоилјадна публика (каде настапиле, на пример и Боб Дилан и „Ролин стоунс“). Правењето музика за театарска претстава во Хамбург, во која настапувала и Викторија Чаплин (ќерка на Чарли Чаплин), на Наат и оркестарот им овозможува настап во Париз на претседателските избори (2005). Претходно кочанчани свиреле во Ватикан пред 50 илјади луѓе за дочек на Нова година после говорот на папата. Наат снимил ЦД во Израел со познатата Меира Ашер, имал настап во Париз на модната ревија на јапонскиот светски признат креатор Јоџи Јамомото, настан кој го пренесувала „Фешен ТВ“.
Музиката на Наат Велиов и „Кинг Наат Велиов Оригинал Кочани оркестар“ е составен дел на повеќе филмови: францускиот „Мондо“, белгискиот „Животот на дервишите“, италијанскиот „Животот на циганите“, а германската ТВ „Арпе“ снимила документарец за Наат, неговата музика и за Кочани. Во 2010-та Наат Велиов ја компонира музиката за филмот „Духот на баба Илонка“ (во која и глуми) на Хрватот, Томислав Жаја, во копродукциј помеѓу Македонија, Хрватска и Австрија, а има правено музика и за ТВ реклами во Турција.
И понатаму неуморно работи, како солист на труба, со својот „Оригинал Кочани оркестар“, во своето студио во домот во Ромското маало во Кочани, снимајќи и настапувајќи на концерти со врвни музичари од Балканот и Европа.