Членовите на Училиштето за цртање и сликање на ЦК „Бели мугри“ беа дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт наречен „Урбан ѕид“, што се реализираше во Кочани. Целта на овој проект, во кој партнер е Општината, младите да ја изразуваат креативноста во цртање.
Во Кочани, директорот на АМС, Марјан Спасески и претседателот на Советот на Општината Кочани, Јордан Димитров, заедно со членовите на Училиштетото за сликање и цртањена на ѕидот од скалите по кои се оди до Соколаната цртаа мотиви од градот и порачаа да се подигне свеста кај младите луѓе за одговорно однесување кон сите јавни и стари објекти.
„Mногу често, цртањето графити се смета за вандализам, но кога постои точно одреден простор за нивно творење и презентација на креативниот ум и младешки став, тие се уметност која секогаш е позитивно перцепирана од очите на случајните минувачи. Токму во таа насока е и реализацијата на овој проект на АМС, чија замисла е младите преку исцртување на графитите да ги искажат своите позитивни мисли и да испратат позитивни пораки, како и да се одвратат од идејата да пишуваат графити било каде и со било каква содржина“, порача директорот на АМС, Марјан Спасески.
Според претседателот на Советот на Општина Кочани, Јордан Димитров, со овој проект ќе се подигне свеста кај младите за одговорно однесување кон јавните и стари објекти и за нивно разубавување.
Членовите на Училиштето за цртање и сликање на ЦК „Бели мугри“ што учествуваа во проектот на АМС „Урбан ѕид“ во Кочани работеа под менторство на нивниот раководител Александра Димитрова.