Изложба на рачно изработен накит на сестрите Андови е закажана за вечерва (9 април) во фоајето на ЦК „Бели мугри“. Изработките на Анастасија, Јована и Ана-Марија се направени во комбинација од полимерна глина и метал. Изготвен е каталог со убаво дизајнирана насловна, според кој, најголемиот дел од накитот го има направено тринаесетгодишната Анастасија. Но, свој „влог“ во изложбата имаат и седумнаесетгодишната Ана-Марија и десетгодишната Јована.
Според рецензентот на каталогот, Илинка Атанасова, кај сестрите Андови постои вродена креативност која е наследна. Нивна, а и наша, голема среќа, вели рецензентот, е што кај сестрите имало кој да ја препознае таа креативност и природниот дар. Крајниот резултат е видлив во колекцијата од накит, која претставува шаренило од бои и форми, во кои се вткаени делови од детските и тинејџерски души на Анастасија, Ана-Марија и Јована.
Графичкиот дизајн го има изработено професорката Благица Андова – Николова, дипломиран ликовен уметник, мајка на трите авторки на изложбата од рачно изработен накит, закажана за 9 април во фоајето на ЦК Бели мугри.