Седумгодишниот гајдаџија Давид Митев од Кочани освои прва награда за нај-настап во категорија деца……на Фестивалот на народни инструменти „Пеце Атанасовски“ што се одржа изминатиот викенд во Прилеп. Награда за нај-настап доби и Оркестарот на изворни народни песни на ЦК „Бели мугри“ од Кочани.
„Давид имаше соло-настап на гајда. Најпрвин го изведе орото „Осоговка“ сам и потоа со уште едно дете го изведоа “Топтан оро“. Жирито едногласно на Давид му ја додели првата награда за нај-настап. Освоиме уште една прва награда како оркестар. Конкуренцијата беше силна и за разлика од претходните изданија на ‘Пеце Атанасовски’ кога учесниците беа повозрасни, годинава кај гајдаџиите доминираа децата“, изјави Драги Атанасов, раководител на Оркестарот за изворни народни песни и ора на ЦК „Бели мугри“.
Првонаградениот Давид Митев, како што самиот ни рече, гајда свири веќе четврта година. Тој е еден од најмалите членови на кочанскиот оркестар. На прес конференцијата што се одржа вчера, изведе неколку песни, колку накратко да го покаже своето умеење.