На 17 декември (вторник) ќе се одржи завршницата од конкурсот распишан по повод 74 – ри години од издавањето на стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин, основоположник на македонската современа поезија и патрон на Националната установа ЦК „Бели мугри“ од Кочани. Вечерта посветена на стихозбирката „Бели мугри“, на Рацин и на поезијата ќе започне во 19 часот во малата сала во источниот дел на Центарот за култура.
На конкурсот, кој имаше ревијален карактер, пристигнати се осумнаесет песни, кои, пред публиката ќе ги интерпретираат самите автори. Ќе има драматизација на стихови од „Бели мугри“ на Рацин, во изведба на ученици од ООУ „Никола Карев“ од Кочани под менторство на професорката по македонски јазик и литература Љупка Стојменова. Проекцијата на краткиот документарен филм за Кочо Рацин е оставена за крај.
Вечерта посветена на стихозбирката „Бели мугри“, на Кочо Рацин и поезијата ќе биде збогатена со промовирање на Билтен со наслов „Поезија – причина и повод“, во кој се поместени 18 – те пристигнати песни од исто толку автори, кои потекнуваат од Кочани и регионот.