Осумнаесетте песни пристигнати на литературниот конкурс распишан по повод 74 години од објавувањето на стихозбирката „Бели мугри“ синоќа беа претставени пред публиката во малата сала на ЦК „Бели мугри“… … Најголем дел од авторите кои се роднокрајни, самите ги интерпретираа своите творби, додека истовремено се вршеше проекција на документарен филм за Кочо Рацин. Настанот започна со драматизација на стихови на поетот од Велес во изведба на ученици од ООУ „Никола Карев“, чиј ментор е професорката Љупка Стојменова. Посетител на вечерта посветена на поезијата и на Рацин донесе и покажа фототипен примерок на стихозбирката „Бели мугри“.
„Конкурсот го распишавме во октомври и ова е прв пат на ваков начин да одбележиме годишнина од објавувањето на стихозбирката ‘Бели мугри’, чиј автор е Кочо Рацин, патрон на нашиот Центар за култура. Воедно ова беше и наш обид да им даде повеќе простор на домашните автори и да ги потикнеме на творење. Задоволни сме од одзивот и вредноста на пристигнатите творби“, изјави Коце Стојменов, директор на кочанската Национална установа.
Учесниците на конкурсот со одбрување и со одбрани зборови позитивно се изјаснија за добиената можност да го покажат своето умеење и на тој начин да придонесат во чествувањето на Кочао Рацин и на неговата стихозбирка „Бели мугри“. Тие сметаат дека конкурсот треба да прерасне во традиција.
Осумнаесетте песни пристигнати на литературниот конкурс на слободна тема, ЦК „Бели мугри“ ги помести во билтен насловен „Поезија – причина и повод“. Оваа публикација ја добија авторите и присутните на настанот.