Директорот на ЦК „Бели мугри“, Коце Стојменов, денеска одржа прес конференција на која го најави најновото, осмо издание

на Детскиот драмски фестивал. Она што директорот Стојменов го изјави пред новинарите, ви го пренесуваме во целост:
„Детскиот драмски фестивал ќе започне в понеделник, 20 април, а ќе заврши на 4-ти односно на 5-ти мај, со прогласување на најдобрите. Учесниците и програмата се веќе познати, јавноста е информирана преку рекламен материјал. Податоците се објавени на нашата веб-страница ckbelimugri.mk.
Почнуваме со претставите од Општина Кривогаштани, тоа се две училишта со три претстави, кои, по нивно барање ќе бидат одиграни во еден ден. Другите денови од фестивалот ќе поминат со по две претстави преку ден, со исклучок на 29 април, кога училиштето од Радовиш ќе игра навечер, бидејќи по нивна и наша проценка, претставата може да ја гледа и повозрасната публика. Напоменувам дека после 22 април ќе има неколукдневна пауза (без претстави) поради патронатот на кочанското училиште ’Никола Карев’. Ќе продолжиме на 27 априли, па се до 4 мај, и на 5-ти е прогласувањето.
Значи ни доаѓаат 17 претстави, семтам дека ќе бидат интересни. Ни доаѓаат од различни средини во однос на минатите години, иако имаме и традиционални учесници: Кочани, Зрновци, Берово. Сепак, годинава имаме претстави од Кривогаштани, Охрид, Младо Нагоричани, две претстави имаме од Скопје, три од Велес, од Лозово… Очекуваме дека вкупно над 250 дечиња ќе се појават на сцената во текот на ДДФ.
Започнавме и со пропратни активности. На 22 април во 19 часот имаме изложба од академскиот сликар Владимир Темков и на 29 април во 12, 15 часот промоција на книга од Лила Арсова, велешанка. Официјалниот дел од програмата завршува на 4 мај со претстава на училиштето „Синиша Стоилов“ од Зрновци. Следниот ден ќе ги прогласиме најдобрите. Наградите се веќе востановени: гран при за претстава во целина, режија, машка и женска главна улога. Жирито е во состав Силвана Јаневска, Вита Ковачева и Перо Даниловски.
Фестивалот традиционално ќе биде подржан од Општина Кочани, а годинава имаме поткрепа и од „Макпрогрес“ од Виница.“