Ретроспективна изложба: ЈАКИМ ЈОВАНОВ – Акварели
На 21.08.2021 во 19:00ч. во НУЦК ,,Бели Мугри‘‘ – Кочани ќе биде отворена ретроспективна изложба на акварели, дела на ликовниот педагог и уметник Јаким Јованов (1935-2001).
Куратор на изложбата: Маријана Иванова
Проектот е финансиран од Министерството за култура на Р. Северна Македонија.
——————————————————————————
По упешното претставување на втората постхумна изложба на акварели на Јаким Јованов во Виница, колекцијата од триестина акварели насликани во осумдесетите години на 20 век ќе има можност да ја разгледа и публиката во Кочани. Изложбата се реализира по повод навршувањето на 20 години од смртта на уметникот, кој е првиот ликовен педагог на територијата на Општина Виница и е заслужен за ликовната наобразба на многу генерации ученици. Мотивите на делата се пејзажи со ридско-планински мотиви и полиња од родниот крај, пејзажи со дрвја, пејзажи со селска и градска архитектура, мртва природа со цвеќе и овошје…
 
 
,,Неговата определеност кон чистиот ликовен јазик и лиричноста во изразот останува воодушевувачки непроменлива во целата оваа збирка акварели, создавана претежно во текот на последните две декади од 20 век. Преку делата ни се отвора неверојатно моќен и емотивен внатрешен свет на уметникот, во кој на уникатен начин се споени неговите скромност и смиреност со неговата непоколебливост и силниот карактер‘‘
. -Проф. д-р Гордана Вренцоска
——————————————————————————
Јаким Јованов е роден во село Грљани, општина Виница. Завршува Виша Педагошка Академија во 1964 г. во класата на професор Вангел Коџоман. Работи како наставник по ликовно образование во ОУ „Славчо Стојменски“ во Виница од 1964 г. (со надополнување часови и во гимназијата „Ванчо Прке“ во Виница до 1977 г.), сè до неговото пензионирање во 1998 година. Како ликовен педагог е добитник на специјална награда – плакета за континуирано (пет пати по ред) освојувано прво место за најдобра колекција на Републичката детска изложба „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ (од 1988 до 1992 г.) во Битола. Меѓу позначајните е и наградата за колекцијата ликовни творби во рамките на Малиот битолски монмартр во 1993 година. За неговите успеси постигнати како ликовен педагог Републичкиот педагошки совет во 1994 г. му доделува Диплома за истакнат педагошки работник. Освен со просветна дејност, во слободното време Јаким Јованов се занимава и со сликање, користејќи ги техниките масло на платно и акварел. Неговите дела во јавноста се изложувани на четири самостојни изложби во Виница и во Кочани, како и во склоп на неколку групни изложби низ Македонија.